Што е емоционална интелигенција?
Емоционалната
интелигенција е способност за разбирање,
препознавање и управување со сопствените емоции, но и за разбирање на емоциите
кај другите луѓе. Тоа е клучна животна вештина која што ни овозможува полесно да функционираме во животот.
Луѓето кои
развиле емотивни вештини можат полесно да се справат со барањата и притисоците
на околината. Таквите поединци нема лесно да се збунат, ретко жалат за своите постапки и
одлуки, многу добро се справуваат со стресот, прифаќаат предизвици и не отстапуваат под притисок, имаат висока
самодоверба и знаат да ги препознаат сопствените вредности.
Барањата и
притисоците на околината за кои ни требаат развиени емоционални вештини нè
придружуваат во сите периоди од животот. Тоа започува од детството и трае во текот на целиот живот,
затоа емоционалната интелигенција треба да се развива уште во рана возраст.
Со какви емоции се раѓаат децата?
При
раѓањето, постои една емоција, а тоа е целосно недиференцирана возбуда. Сите
други емоции се развиваат од тоа. Овој развој се одвива постепено, а истиот е
условен и од родителите и од околината.
Лутина се
јавува помеѓу третиот и шестиот месец од животот на бебето, што зборува за
важноста и универзалноста на емоциите. Бебињата и децата имаат право да се
лутат, исто како и возрасните, и тоа обично се ситуации во кои целта е
блокирана.
Лутината е
многу важна емоција, затоа што нè предизвикува да застанеме и да ги браниме своите
граници, така што гневот е поврзан со чувството на лична вредност и важност.
Родителите имаат задача да го научат детето како да не биде агресивно кога се лути, туку да се грижи за себеси на
социјализиран начин. Тоа учење се интензивира околу втората година од животот,
а во третата година е важно детето да биде дел од група врсници каде што поинтензивно
ќе работат на неговата социјализација.
Како
се развиваат емоциите со возраста?
Истражувањата
покажуваат дека на крајот на првиот месец по раѓањето, вознемиреноста се
појавува како непријатна реакција, а на крајот на вториот месец, се јавува задоволството како пријатна
реакција. Овие емоции се менуваат брзо и често. Од третиот до шестиот месец се
развиваат гневот и стравот, а од деветтиот месец до една година, се
развиваат ентузијазам и љубов. Околу 15-тиот месец се појавува љубомора, а околу втората година,
децата почнуваат да покажуваат радост. Потоа, од втората до петтата година од
животот, се јавува срам, вознемиреност, завист, разочарување и надеж. Овие
возрасти се дадени како ориентација во развојот на емоциите.
Ова секако ни дава одговор на прашањето
кога да започнеме со развој на емоционални вештини. Добрата вест е дека
навистина можеме да сториме нешто и имаме можност да им помогнеме на децата да
прераснат во поемотивно компетентни луѓе. Навидум, најлесниот начин е секако да
станеме личност во која би сакале нашите деца да прераснат.
Родителите
се модели за нивните деца, во секој контакт и интеракција со детето, ни се дава
можност да ги научиме емоционални вештини. Исклучително е важно децата рано да
учат за тоа како да ги изразат своите емоции на најдобар начин. Во таа смисла,
многу е важно родителот да му овозможи на детето да ја изрази секоја емоција,
затоа што ниту една емоција не е лоша.
Она што ние
возрасните го дефинираме како лошо е однесувањето, односно она што детето го
прави кога чувствува емоција. И, тоа е токму должноста на родителот да го
едуцираат и насочуваат однесувањето на своето дете, кое е мотивирано од
одредена емоција. Ова најдобро се прави со личен пример. Ако мама и тато
отворено покажат пријатни и непријатни емоции, додека го контролираат начинот
на кој ги искажуваат, истото ќе го стори и детето. Во спротивно, од детето не
може да се бара да се однесува поинаку отколку што прават возрасните. Децата
учат повеќе ако гледаат што правиме отколку од она што им го кажуваме. Не треба
да се плашиме од нашите грешки ако сами учиме од нив. И тоа е вредна порака до
децата дека никој не е имун на неуспех и грешки. Тие учат од нивните родители
како да се справат со грешките и како да започнат од почеток.
Емоционалната интелигенција не е генетски условена и
поради тоа таа се учи и се гради во текот на животот. Затоа исклучително важно е да го научиме детето уште во рана возраст да умее да ги
изразува и контролира своите емоции на правилен начин, бидејќи децата со поразвиена емоционална
интелигенција постигнуваат подобар успех во училиште, наоѓаат работа полесно, постигнуваат
подобри резултати во различни области, генерално се посреќни и поуспешни.

No comments:
Post a Comment