Sunday, May 17, 2020

8 ВАЖНИ РАБОТИ ШТО МОРА ДА ГИ НАУЧИМЕ ДЕЦАТА УШТЕ ВО РАНА ВОЗРАСТ



Кај децата, навиките и начините на однесување почнуваат да се формираат уште од рана возраст. Неодамнешните истражувања на оваа тема покажуваат дека ова треба да се направи пред 9-годишна возраст и дека откако ќе се стекнат навиките, тешко можат да се искоренат или да се променат. Затоа е многу важно да се започне со всадување добри навики кај нашите деца уште во раното детство.

Кои се најважните работи што треба да ги научиме децата уште во рана возраст?

 Покрај нашите добро познати морални вредности, има и многу други важни работи поврзани со секојдневните навики. Еве неколку од нив:


  •         Да одржуваат лична хигиена

Миење на рацете, четкање на забите, прикривање на устата при кивање - сите овие се основни и здрави навики што треба да ги градиме кај нашите деца што е можно порано. Одржувањето на лична хигиена е исклучително важен дел од едукацијата на децата, што ќе донесе добар плод на долг рок. Оваа навика ќе биде особено важна кога детето ќе порасне и ќе почне да се гради како личност. Ако на оваа возраст детето веќе е навикнато да се грижи за себе во однос на личната хигиена, ова ќе му помогне да изгледа многу подобро и попријатно како за себе така и за околината.

  •           Да се ​движат и да спортуваат

За жал, тажен е фактот од ова време тоа што децата водат сè повеќе “статичен” животен стил, а тоа е особено видливо во однос на претходните генерации. Објаснувањето е едноставно - паметните телефони, таблетите и другите дигитални уреди, телевизијата, видео игрите заземаат централно место во нивните животи. Затоа денес е многу поважно од кога и да било да ги охрабруваме нашите деца да се движат, да спортуваат, да бидат активни. Без разлика дали тоа е само кратка прошетка на отворено или редовно тренирање на спорт што го сака детето, секојдневното вежбање е навика што треба да започнеме да ja градиме уште од рана возраст.

  •             Да се хранат здраво

Секако дека секој родител би сакал да му обезбеди на своето дете здрава и вкусна храна секојдневно. Меѓутоа, постепено доаѓа време кога веќе нема да имаме контрола над изборот за храна на нашите деца. Затоа, клучно е да ги запознаеме децата со здрава храна што е можно порано, да им објасниме зошто е покорисна и да ги научиме како да ја разликуваат здравата од нездравата храна. Ова ќе им помогне да изградат навика да изберат храна што ќе ги направи поздрави.

  •             Да се грижат за својата безбедност

Од големо значење е да се вложат сите сили и напори за детето да стекне навики со кои ќе може да се заштити од опасности. Почнувајќи од тоа да му покажуваме на нашето дете како да гледа во двата правци при преминување на улица, да го учиме да не зборува и да не оди со непознати лица - сите наши активности и објаснувања во оваа насока мора да се повторуваат ако е неопходно и по повеќе пати. Во крајна сметка, детето ќе знае како да дејствува во екстремна ситуација, а со тоа ќе може да се заштити од опасност. Затоа е добро да се научи уште во раното детство дека мора да се биде внимателен и да не презема ризици што можат да го стават во опасност неговиот живот.

  •        Да бидат организирани и да учествуваат во домаќинството

Многу мали деца  на 1, 2, па дури и 3 години, ги расфрлаат своите играчки, расејуваат работи на подот, понекогаш истураат храна или прават други нереди, по што мајката тоа го средува и тоа е сосема нормално за оваа возраст. . Но, како што растат децата, толку посериозно ние како родители треба да размислиме за кои работи по дома можеме да  и ги дадеме како обврска на децата,  со цел да се стекнат со навики да бидат организирани и да учествуваат во домаќинските работи. Можеме да започнеме со собирање на играчки, а подоцна постепено да преминеме кон редовно чистење и подредување на детската соба. На почетокот ќе биде тешко и детето нема да може да се справи совршено со оваа задача, но важно е постепено да се стекне со одговорност и навики.

  •        Да бидат одговорни за парите и да знаат да ги трошат мудро

За нашите деца да научат да ценат пари и правилно да ги дистрибуираат е многу важна животна лекција што нема да ја научат на училиште. Од  нас, родителите, зависи да им покажеме како да трошат или заштедуваат мудро. Препорачливо е да започнете да ги учите  децата уште рано за вредноста на парите, објаснувајќи им дека парите се заработуваат. Во подоцнежна возраст, ние мора постепено да им покажуваме како да ги распределат своите средства за разни работи со цел подоцна да можат да управуваат со нивниот буџет.

  •         Да знаат да изразат благодарност

Децата се „себични“ по природа и веруваат дека светот се врти околу нив. Ова всушност е самата вистина, додека тие се многу мали. Меѓутоа, кога тие ќе пораснат, ние мора да им покажеме што значи да се чувствуваат благодарни и како да го изразат. Оваа важна лекција е добро да ја научат и да ја сФатат уште додека се мали. Ако нашите деца се навикнат да кажат „те молам“ и „благодарам“ уште на рана возраст, тоа ќе ги направи личности кои знаат да изразат благодарност и ќе знаат да ги ценат и најмалите работи.

  •        Да не престануваат да учат

И на крај, многу важна навика што треба да ја стекнат децата е да учат нови работи. Ако размислиме за тоа, без разлика колку години сме, ние никогаш не престануваме да учиме - од животот, од книгите, од нашите разговори со роднини, познаници и странци. И децата, дури и повеќе од нас возрасните, буквално се „бомбардираат“ од нови и нови информации што треба постојано да ги обработуваат. Затоа, ако почнеме да им покажуваме рано како да ги проценат можностите да научат нови работи во нови ситуации, оваа вештина ќе им биде од голема корист во понатамошниот живот.


No comments:

Post a Comment