Wednesday, May 20, 2020

ДОЦНЕЊЕ НА ГОВОРОТ НА ДЕТЕТО




Секој родител со нетрпение ги очекува првите зборови на своето дете, па затоа не е ни чудо што сме разочарани и загрижени кога треба да чекаме премногу долго за првите зборови.

Од голем број на истражувања е утврдено дека секое четврто дете денес касни со говорот, но најважно е што на повеќето такви деца не им треба посебен третман или помош за да зборуваат.

Накратко ќе ве запознаме со нормалниот развој на говорот на детето и ќе ве упатиме кога да побарате стручна помош ако вашето дете доцни со првите зборови.


Она што се смета за нормално

Иако се смета дека говорот се развива на сличен начин кај повеќето деца, сепак може да има значителни разлики.

Општо правило е дека дете од една година треба да може да изговара по еден збор, да прави комбинации со два збора на возраст од 18 месеци до две години, а до тригодишна возраст веќе треба да може да каже кратки реченици.

Ако специјалистот за ран детски развој се обидува да идентификува какви било абнормалности, тој прво треба да ја оцени способноста на детето за зборување и неговата способност да разбере што слуша. На пример, иако едно 18-месечно дете може да каже од 50 до 100 зборови, истото дете може да разбере многу повеќе.

Употребата на гестови и имитации на звук е знак дека вашето дете разбира и комуницира, што значи дека нема да се појават проблеми со развојот на говорот.

Причини за одложување на говорот

Наследните фактори и темпераментот можат значително да влијаат на доцнењето на говорот, како и создавањето на еден вид притисок врз детето, од страна на родителите. Многу  малку родители сфаќаат дека има работи што во голема мера влијаат на развојот на говорот на децата. Голема грешка е да се предвиди секоја потреба на детето, затоа што детето се навикнува на фактот дека нема потреба вербално да се изрази, затоа што мајката ги разбира неговите потреби без зборови.

Исто така доста голем причинител во каснењето на говорот е преголемата употреба на електронски уреди и телевизија, бидејќи тие имаат негативен ефект врз вештините за говор кај децата.

Moмчињата прозборуваат подоцна од девојчињата 

Момчињата обично со 16 месеци кажуваат просечно 30 збора, а девојчиња од иста возраст кажуваат до 50 збора.

Предвремено родени бебиња

Бебињата родени порано обично започнуваат да  зборуваат подоцна.Процесот на прозборување кај овие деца е  на две години. Педијатрите советуваат,  родителите да ги следат процесите на развој кај предвремено родените деца од денот на породувањето. Предвремено роденото  бебе може да започне да зборува малку подоцна, но развојот и напредокот на тоа дете обично се одвива без значајни проблеми.

 Близнаци, тројка, четворка

Според патолозите за говор, скоро половина од близнаците, тројките или четворките доцнат во развојот на говорните способности. Предвремено раѓање, пониска телесна тежина и медицински интервенции при раѓање, се фактори кои можат да влијаат на доцнењето на првите зборови.

Деца со хронична инфекција на ушите

Ако детето страда од инфекција на уво со месеци, што значи присуство на течност во увото од неколку месеци, особено во текот на првата година од животот, кога детето развива јазични способности, тоа може да резултира во намалена способност на слухот и одложување на говорот.

Децата се фокусираат на други способности и вештини

Ако детето доцни со изговорот на првите зборови, а целокупниот развој на детето е нормален, можно е детето да е насочено кон усовршување на другите способности, како што е движењето, емоциите, когнитивните процеси, итн .

Двојазична средина

Двојазичноста може да ги збуни децата и да создаде проблеми во комуникацијата.Ако детето што живее во двојазична средина покажува тешкотии во развојот на говорот, тогаш е потребно да се одлучите само за еден јазик. Ако говорот на детето е многу слабо развиен, родителите треба да му зборуваат поедноставни и кратки реченици, а зборовите да му бидат познати. Ова е грижа за многу родители во ваква средина бидејќи нивното дете  започнува да зборува подоцна во споредба со неговите врсници. Ова се случува често, но не се третира како проблем, затоа што детето, од моментот кога ќе започне да зборува, за кратко време ќе го надомести пропуштеното.

Предупредувачки знаци

 По првата година од животот:

Детето воопшто не се обидува да зборува. Тоа изгледа дека не ве разбира или не реагира на она што го велите.

На осумнаесет месеци:
 
Детето не изговара ниту еден збор.

 На двегодишна возраст:

Изговара само неколку зборови и комуницира претежно со покажување, постепено ги губи своите говорни вештини, започнува да користи помалку и помалку зборови, или воопшто не сака да зборува.

 На возраст од две и пол:

Детето  зборува само со едноставни слогови, ги голта согласките и неговиот речник содржи помалку од 50 збора.

На возраст од три години:

Други луѓе не можат да го разберат говорот на вашето дете или детето изговара само наједноставни фрази.

Што да направите?

Најдоброто време да побарате стручна помош е кога вашето дете има две и пол години. Справување со проблеми со говорот најчесто вклучува терапевтски говори, лекување на недијагностицирани инфекции на увото или лекување на проблеми со слухот.

Пред две и пол годишна возраст, слушањето на вашиот глас е најдобриот начин за вашето дете да научи да зборува, затоа читајте гласно, пејте, разговарајте со вашето дете и на тој начин ќе го поттикнете вашето дете да започне да зборува.

Заклучок

Развојот на говорот, како и другите способности кај децата е индивидуално. Меѓутоа, ако сте загрижени за можното одложување на изговарањето на првите зборови на вашето дете, консултирајте се со педијатар, кој може да ве упати кај специјалист доколку е потребно.


No comments:

Post a Comment