Адаптацијата во училиште е процес
на навикнување кон новите училишни услови, кои секое прваче ги доживува на свој
начин. Повеќето првачиња доаѓаат на училиште од градинка. Во градинката има
постојано игри, прошетки, дневно спиење и секогаш учителката е во близина. На училиште, сè
е различно, бидејќи има нов систем на барања. Децата за да се прилагодат на
новиот ситем во училиште е потребно трпение и време.
Дете што за прв пат доаѓа на
училиште ќе биде пречекано од нов тим на деца и возрасни. Тоа мора да
воспостави контакти со врсниците и наставниците и да научи како да ги исполни
барањата на училиштето, всушност дисциплината и новите одговорности поврзани со училишната
работа. Искуството покажува дека не сите деца се подготвени за ова. На некои
првачиња, дури и со високо ниво на интелектуален развој, тешко се адаптираат
кон новата средина во училиште. Психолозите посочуваат дека за многу првачиња,
социјалната адаптација е тешка затоа што се уште не е формирана личност која е
во состојба да го почитува училишниот режим и училишните норми на однесување.
Оваа година е многу важна
за менталниот развој на детето, затоа што во овој период детето започнува да
работи на своето однесување и кај него се формира нов вид на ментална активност
- „Јас сум ученик“.
Затоа ви посочуваме неколку
совети преку кои првата година на училиште ќе стане незаборавна авантура за идните
првачиња.
Позитивните
аспекти на училиштето
Да се оди на училиште за прв
пат може да биде шокантно за децата, бидејќи режимот во училиште е различен од оној што децата го имале во
градинка.
Затоа е исклучително важно да
имате долг разговор со вашето дете, објаснувајќи му ги сите позитивни аспекти за
одењето на училиште.
Многу е важен ставот со кој
детето за прв пат го преминува училишниот праг. Ако првичното поставување е
негативно, ќе биде многу тешко да се промени подоцна. Затоа, објаснете му на
детето дека во училиштето ќе запознае нови другарчиња, дека ќе се дружат и ќе
си помагаат, дека ќе научи многу нови и интересни работи и дека учителката ќе
биде нивната втора мајка и ќе се грижи за сите дечиња во одделението да се
чувствуваат добро.
Одете заедно да
ги изберете работите за во училиште
Наместо сами да одите да купувате
училишни прибори и материјали на детето за во прво одделение, понесете го со
вас. Дозволете му на детето само да избере тетратки, моливи и боички.
Ако на детето му се даде слобода
да ги избере овие работи, дефинитивно ќе има позитивен ефект врз неговите први
впечатоци во новата училишната средина.
Направете
училишно катче
Изберете место во вашиот дом што
ќе биде направено за пишување домашни задачи и извршување на сите други училишни
должности.
Бидете сигурни дека нема многу
предмети наоколу за да го одвлечете вниманието на детето, со цел да може да се
концентрира на своите домашни задачи.
Не го користете
методот на страв
Не пристапувајте кон методот на
страв ако вашето дете се спротивставува на новите правила во училиште.
Не упатувајте закани кон детето,
како на пример: „ќе те
казнам“ или “ќе добиеш слаба
оценка” како
одговор на одбивањето на детето да пишува домашна задача или да ги учи новите лекции,
бидејќи не се најдобриот пристап.
Бидете трпеливи и смирени,
објаснете му на детето како да се однесува со наставниците, објаснете му зошто
оди на училиште, помогнете му во совладувањето на наставниот материјал.
Без оглед колку се потпирате на
наставниците во училиште, улогата на родителот во образованието и градењето на
детето како личност е огромна.
Купувајте книги
заедно и читајте ги
Научете го детето да не го
игнорира светот околу себе, научете го дека треба да се интересира за различни
теми и да биде информирано за работите што се случуваат. Читајте ги заедно
омилените книги, раскажувајте и разговарајте на различни теми, затоа што само
така кај детето ќе се развие љубопитност и интерес за светот околу него.
Независност
Ако вашето дете сè уште не може
да направи само некои работи, како што се врзување на чевлите, облекување,
подготовка на училишнот ранец, започнете со постепена промена.
Важно е детето да започне самостојно
да се грижи за себе, бидејќи вие нема да сте постојано до него. Затоа, добро би
било кога детето ќе тргне во училиште да може само да се грижи за себе.
Посветеност
Потрудете се секој ден да го прашувате
вашето дете како го поминало училишниот ден. Покажете му дека сте
заинтересирани и на тој начин детето ќе
ви кажува за неговите радости и грижи поврзани со училиштето.
Одговорност
Училиштето е место каде што децата
за првпат се соочуваат со одговорност во животот. Зборувајте со вашето дете за
улогата на училиштето во животот, за неговата важност и дека тоа е обврска на
секое дете што треба да ја прифати сериозно и одговорно.

No comments:
Post a Comment